Завршен збор на заменикот
на министерот за локална самоуправа
Г-ѓа. Тања Алтанџиева
Почитувани дами и господа
На
крајот на оваа дводневна Конференција би сакала да ја искажам мојата
благодарност на сите вас.
И на оние што земаа
активно учество преку свои излагања и дискусии, и на оние кои беа
присутни да ги споделат со нас нашите сознанија, размислувања и
дилеми.
Особено сум задоволна
од сето она што беше кажано и заклучена во овие два работни дена.
Се говореше, дискутираше
и предлагаше и зато сметам дека нема потреба од големи образложенија.
Заради тоа, како
сумирање на нашата заедничка работа, би ги набележала главните правци,
кои треба да претставуваат насока за понатамошна работа и можност
за разгледување на сите опции околу преземање на мерките потребни
за изградба на отворената власт во нашата земја.
Од сето она што
беше искжано сметам дека заслужуваат внимание неколку важни групи
на активности, на кои е ставен посебен акцент:
1. Првата од оваа
листа на активности се однесува на изградбата на правна рамка за
пристап кон информациите, и консултацијата и јавното учество во
креирањето на политиката.
Тука се говореше
за цела низа закони кои треба да се изменат и дополнат, како и за
некои нови кои треба да се донесат за да се обезбеди стабилна законска
рамка.
На многу од нив
е веќе започнато да се работи, на некои од нив верувам ќе треба
да се започне со работа.
Во секој случај
Министерството за локална самоуправа е отворено за соработка и се
надевам дека, со помош на невладиниот сектор и локалните власти
ќе се преземе се што е во правец на јакнење на локалната демократија.
2. Втората група
на акции би требало да обезбеди соодветна одговорност на носителите
на власта и на администрацијата како во однос на извршувањето на
нивните надлежности, така и во однос на засилувањето на граѓанското
учество во јавниот живот, што исто така е мошне важен елемент без
чие спроведување нема да може да се постигнат целите на отворената
власт.
3. Како трет мошне
важен правец е зголемувањето на капацитетот на властите да информираат,
да го консултираат и да го охрабруваат граѓанското општество во
процесот на креирање на политиката.
Се разбира и на
централно и на локално ниво сеуште не постојат доволно капацитети
кои овозможуваат остварување на потполна комуникациска политика
со медиумите и граѓаните. Еден од можните начини за брзо решавање
на овој проблем може се разбира да бидат новите информатички и комуникациски
технологии, кои овозможуваат:
- брза размена на
информации и знаења помеѓу граѓаните и
- нудат нови можности
да се соработува во процесот на донесувањето на одлуките.
Модерните
аднминистративни реформи не се докрај успешни доколку не се применува
информатичката технологија.
Денес, благодарение
на интернет, дури и сонот за директна демократија, во смисол на
непосредно учество на грѓаните во процесот на донесување на одлуки,
е во одреден процент, реалност на некои региони од светот. Тој факт
веќе предизвика верижни реакции во академските дискусии кои се однесуваат
на демократските институции, социјалниот дијалог, транспарентноста,
како и во концептот за децентрализација.
4. Изградбата на
нова култура во однос на политиката за заедничка работа односно
воспоставување правила за работа со невладиниот сектор, како четврта
група на акции, треба да овозможи сите учесници во креирањето и
имплементирањето на власта да разберат дека модерното сфаќање на
политиката мора да го вклучи и претставниците на граѓанското општество.
Тоа значи дека е потребно да се воспостават соодветни механизми
за постојан дијалог помеѓу власта и преставниците на граѓанското
општество. Развојот на силни партнерските врски со локалните НВО
и граѓански групи треба да биде на врвот на приоритетната листа
на властите, на двата нивои на власта.
Во тој контекст
би сакала да го истакнам значењето на обуката и на претставниците
на властите, и на вработените во јавната администрација и на граѓаните.
Сите учесници мора јасно да ги согледаат капацитетите и средствата
преку коишто можат да влијаат не само на локалната туку и на националната
политика, и треба да ја научат својата улога во остварувањето на
своите права и обврски; и да бидат одговорни за нив. Тоа е политиката
на животните шанси, политика на изборот, идентитетот, споделувањето.
Соодветното граѓанско однесување мора да се всади преку едукацијата
и обучувањето уште од рана возраст.
5. На крајот, петтата
група се однесува на развојот на механизмите на меѓуинституционалниот
дијалог и соработка помеѓу двете нивои на власта - државата и општините,
како основа за влијанието од граѓаните, на националната политика.
Во Законот за локалната
самоуправа веќе се вградени основите на соработката меѓу Владата
и општините со што се обезбедени едни од највисоките стандарди во
Европа во овој однос.
Во овој контекст
би сакала да ве потсетам дека Владата на Република Македонија, во
почетокот на овој месец потпиша Меморандум за соработка со Заедницата
на единиците на локалната самоуправа, што претставува втор ваков
пример во Европа.
Би
сакала уште еднаш да го истакнам дека преку еден ефикасно спроведен
процес на децентрализација, бара редефинирање на многу односите
во државата, како меѓу органите на државата и единиците на локалната
самоуправа, така и на односите на властите со граѓанскиот и приватниот
сектор во улога на поддржувач на нивните политики и акции.
Свесни сме дека
ова е обемна и тека задача која не може да се изврши без политички
и социјален концензус. Свесни сме дека ова е една од најпровокативните
теми во современата историја на реформата на државата. Но морам
да истакнам дека Владата на Република Македонија, испавена пред
предизвиците на спроведување темелна реформа на својот политички
систем, има доволно политички сенс за политика на модерно владеење
и изградба на силно граѓанско општество.Тоа е долгорочна политичка
опција на Република Македонија и еден од првите приоритети на Владата.
Од тие причини Владата на Република Македонија и Министерството
за локална самоуправа, како министерство одговорно за спроведување
на процесот на децентрализација и реформа на локалната самоуправа,
секогаш ги подржува и ќе ги подржува сите манифестации кои се организираат
со цел реформските зафати да се спроведат поуспешно.
Од тие причини уверена
сум дека и оваа Конференција, чија организација беше подржана од
Министерството за локална самоуправа ја постигна својата основна
цел и дека сите ваши дискусии и мислења ќе претставуваат добра насока
за изградба на отворена власт во Република Македонија.
Ви благодарам
|