- ИЗВЕШТАИ И ЗАКЛУЧОЦИ -
На 25 и 26 март 2003 година, во просториите на хотелот Холидеј ин
во Скопје, се одржа Национална конференцијата: //Градење отворена
власт преку децентрализацијата// организирана од Фондацијата Отворено
Општество Македонија - Скопје, во соработка со Министерството за
локална самоуправа, и финансиски поддржана од Институтот на Светската
Банка за зајакнување на заедницата и социјалното вклучување (ЦЕСИ),
УСАИД/ДАИ Проектот за развој на локалната самоуправа, ЕУ ПХАРЕ Проектот
за развој на локалната самоуправа и ГТЗ Проектот за комерцијализација
на општинските јавни претпријатија.
Конференцијата е продолжение на цела низа активности на Министерството
за локална самоуправа и Владата на Република Македонија кои имаат
за цел, преку зајакнување на институциите на локално ниво, подобрување
на квалитетот и ефикасноста на локалните јавни услуги, и воспоставување
контролни механизми кои ќе ја гарантираат транспарентноста и еднаквиот
пристап на граѓаните кон јавните услуги да го обезбедат мирот, демократијата,
стабилноста и економскиот просперитет на граѓаните на Македонија.
Поаѓајќи од фактот дека спроведувањето на реформата на локалната
самоуправа и процесот на децентрализација, се долгорочна политичка
опција на Република Македонија и прв приоритет на Владата на Република
Македонија за 2003 година, оваа конференција беше организирана со
цел да се обезбеди форум за политички дијалог помеѓу претставниците
на Владата, министерствата, единиците на локалната самоуправа и
на цивилното општество, како и домашни и странски експерти, кој
треба да помогне да се дефинираат натамошните чекори за изградба
на отворена власт токму преку спроведувањето на овој процес.
На Конференцијата и претходеа серија јавни трибини во повеќе општини
(Битола, на 30.12.2002; Велес на 15.2.2003; Куманово на 19.2.2003;
Кочани на 27.2.2003 и Гостивар на 28.2.2003), и една телевизиска
емисија, на кои беа промовирани основните принципи коишто треба
да овозможат успешен процес на децентрализација и изградба на систем
на локална демократија со кој ќе се овозможи вклучување односно
зајакнување на улогата на граѓаните, како партнери и иницијатори
на развојот.
Конференцијата ја отвори потпретседателот на Владата на Република
Македонија Муса Џафери, а свое поздравно обраќање имаа г. Ричард
Голдман, директор на мисијата на УСАИД во Република Македонија и
Владимир Милчин, извршен директор на ФИООМ - Македонија
Конференцијата беше фокусирана на неколку елементи, тематски поделени
во повеќе сесии, панел дискусии и тркалезни маси.
Првиот ден се одржаа:
1. Воведна сесија, со која претседаваше Тања Алтанџиева, заменик
на министерот за локална самоуправа. Оваа сесија требаше да им овозможи
на учесниците глобален поглед на главните прашања кои се вклучени
во изградбата на отворената власт: аргументи //за// и //против//.
Воведни излагања имаа: Др. Панос Каркацулис, експерт од Грција чие
излагање беше посветено на темата //Од локална власт кон локално
владеење: Кон моделот за администрирање на локалните прашања преку
транспарентноста, општествениот дијалог и учеството//; Др. Гордана
Силјановска, професор на Правниот факултет во Скопје, која се осврна
на децентрализацијата како процес и неговото влијание врз изградбата
на локалната самоуправа во Република Македонија; и Елена Петкановска,
раководител на Сектор во Министерството за локална самоуправа која
ги презентираше деловите на Законот за локалната самоуправа кои
се однесуваат на информирањето и непосредното учество на граѓаните
во процесот на донесување на одлуки и управување на локално ниво,
и нивното влијание врз претстојните промени на законската регулатива
во нашата земја.
2. Три тркалезни маси и тоа:
2.1. Првата тркалезна маса на тема //Законодавната рамка за граѓанското
учество, пристапот до информациите и административните документи
имаше за цел да се лоцираат законите кои треба да се донесат, изменат
или дополнат, а кои се однесуваат на (1) Пристапот до јасни информации,
како фундаментален аспект за гарантирање на човековите права, владеењето
на правото и транспарентноста на власта, (2) Консултацијата и учеството
на јавноста во креирањето на политиката со која ќе се овозможи остварување
на правото на граѓаните да се искажат за сите одлуки кои се однесуваат
на нивната иднина; (3) Административната одговорност, обезбедена
преку механизми за хоризонтални и вертикални внатрешна одговорност
на органите на власта, и социјалната одговорност на органите кои
директно ги обезбедуваат услугите за граѓаните. На тој начин треба
да се обезбедат основните законски претпостаки за имплементирање
на основните принципи на доброто владеење: креирање на способна,
транспарентна, и одговорна владина политика и институции кои го
заштитуваат корисникот и ги остваруваат социјалните и целите на
животната средина и го промовираат социјалниот дијалог како траен
начин на извршување на јавната политика. Воведничари на оваа маса
беа Васо Моустакату, експерт од Грција, Дејвид Фалкон, експерт од
Велика Британија и Борче Давитковски, професор на Правниот факултет
во Скопје, а фасилитатор Веле Митановски, директор на Агенција за
информирање.
2.2. На Втората тркалезна маса на тема //Системите и методите за
обезбедување на правата на граѓаните и граѓанското учество во процесот
на донесување на одлуки на власта// воведничарите и дискутантите
се обидоа, преку анализа на досегашната состојба, да ги дефинираат
постојните и идните механизми за воспоставување постојан дијалог
меѓу органите на државната и локалната власт и граѓаните, особено
оние кои треба да служат за создавање позитивна клима за инвестирање
и подршка на развојот, заштита на животната средина и дизајнирање
на социјалната политика. Беше констатирано дека е потребно истовремено
да се делува и во подигнување на јавната свест на населението, и
да се овозможи полесен пристап на граѓаните до правдата кога им
се поврдени правата за учеството во одлучувањето. Воведни излагања
на оваа маса имаа Даниел Сербан, експерт од Романија, Горан Ангелов,
претседател на ЗЕЛС и Гоце Тодоровски, претседател на НВО од Прилеп,
а фасилитатор беше Јадранка Иванова, раководител на сектор во Министерството
за животна средина и просторно планирање.
2.3. Трета тркалезна маса беше посветена на темата //Како општествениот
дијалог и транспарентноста можат да ја зајакнат продуктивноста и
локалниот развој?// По воведните излагања на Вељан Димовски, Претставник
од Стопанска Комора, Трајко Славевски, професор на Економскиот факултет
и Љубомир Трајковски, сопственик на консулстантска фирма, беше констатирано
дека (1) непосредното учеството во донесувањето на одлуките поврзани
со секојдневен живот ги прави граѓаните ко-производители во власта
и во контролата врз одлуките и врз изворите на средства, а (2) информирањето
ги оспособува граѓаните да ги превземат предизвиците за пристап
кон услугите, да ги практицираат своите права, и да бараат одговорност
од учесниците во власта. Беше констатирано дека е непоходно да се
променат улогите и процесите и да се создаде простор граѓаните да
дебатираат, да учествуваат во утврдување на локалните и националните
приоритети, и во создавањето на буџетот, и да имаат пристап кон
информациите за основните и финансиските услуги, особено на нивото
најблиско до нив. Само на тој начин ќе можат да се имплементираат
економските, законските и административни реформи кои ќе овозможат
создавање на структури на доброто владеење кои се основни за создавање
доверба во јавната администрација како на државно така и на локално
ниво и за ефикасно функционирање на пазарот и претпријатијата. Фасилитатор
беше Мирјана Апостолова, раководител на сектор во Градот Скопје.
3. На попладневната пленарна сесија, на тема //Изградба на отворена
власт во локалните заедници како соодветен механизам за ефикасна
децентрализација на власта// фасилитаторите на округлите маси известија
за работата и заклучните огледувања на истите. По водените дискусии
фасилитаторот Елена Петкановска констатира дека пренесувањето на
власта од централно на локално ниво представуваат клучен механизам
за одржлив човеков развој и елиминирање на сиромаштијата, и дека
ефикасно спроведен процес на децентрализација овозможува директно
учество на граѓаните и во крајна линија ја зголемува политичката
стабилност и единство во државата. Врз основа на сумираните резултатаите
од трите работни маси беше констатирано дека е потребно веднаш да
се дефинираат: (1) правна и институционална рамка кои ќе овоможи
тренспарентност и општествен дијалог при остварување на надлежностите
на локално ниво; и (2) механизмите за остварување на одржливиот
развој на луѓето.
Вториот ден беше поделен на три панел дискусии и тоа:
1. Првата панел дискусија беше на тема //Гледиштата за граѓанско
општество, општествениот дијалог и децентрализацијат//. Беа изнесени
погледите на претставниците на граѓанското општество за тоа: (1)
Колку и како вршителите на локална власт ги решава приоритетните
проблеми на луѓето, го обезбедува вршењето на услугите, и им овозможуваат
на граѓаните пристапот до информациите и учество во донесувањето
на одлуките важни за нивното секојдневно живеење, особено оние важни
за развој на приватниот сектор; (2) Дали локалните организации на
граѓаните се оспособни да го преземат предизвикот на институционалните
аранжмани за учество во решавање на проблемите од заеднички интерес;
(3) Кого овие невладини организации и групи на граѓани навистина
преставуваат; и (4) Какви се механизмите за промовирање на свесноста
за припадност на заедницата и за охрабрување на граѓаните да ја
прифатат одговорноста за учеството во животот на нивната заедница,
особено жените и младите луѓе како и луѓето со одредени пречки.
Воведничарите Маријана Лончар-Велкова од //Организацијата на потрошувачите
на Македонија//, Славица Инџевска, ФИООМ и Роберт Беличанец од //Здружението
на новинарите на Македонија// со своите излагања дадоа значаен поттик
за развивање на навистина провокативни дискусии особено за односот
меѓу претставниците на власта кон невладиниот сектор и обратно.
Со дискусијата фасилитираше Јован Петров од НВО //МаНГО Онлајн//.
2. Втората панел дискусија на тема //ИЦТ, транспарентноста и локалната
самоуправа// требаше да покаже дека модерните административни реформи
не можат да се спроведат без примената на информатичка технологија.
Врз основа на овој факт, беа разменети погледи на различни групи
на панелисти за правците на остварување на една од основните цели
на реформата на локалната самоуправа: воспоставувањето на интегриран
информациски систем за потребите на единиците на локална самоуправа
во Република Македонија, со кој ке овозможи: (1) полна автоматизација
на процесите, (2) дистрибуција и брза размена на информациите, (3)
економичност и ефикасност во работењето и подобри и побрзи услуги
за граѓаните и (4) ќе се обезбеди максимална транспарентност во
процесот на донесувањето на одлуките. Беше констатирано дека е потребно
Министерството за локална самоуправа, во што е можно пократок рок
да организира состанок со претставниците на Комисијата за развој
на информатичкото општество при Владата на Република Македонија
и со донаторите кои имаат проекти кои делумно или целосно содржат
компоненти кои се однесуваат на информатичко опремување на општините
(уан-стоп шоп, веб страници, центри за информирање и слично) на
кој треба да се согледа реалната состојба и да се воспостават стандарди
со кои ќе се овозможи унифицирано и насочено дејствување на донаторите
и рационално користење на средствата. Воведничари на оваа панел-дискусија
беа: Василис Василатос, експерт од ЕУ-ФАРЕ Проект за развој на локалната
самоуправа, Јани Макрадули, професор на Електотехничкиот факултет
во Скопје и пратеник во Собранието на РМ и Зоран Костов, извршен
уредник на //Еуродијалог//, а беше извршена и презентација на Цасе
Студѕ од Македонија: //Воспоставување на информациска инфраструктура
базирана на веб за 15 општини во Македонија//. Фасилитатор беше
Бардил Јашари, ФИОО Македонија.
3. Третата панел дискусија, посветена да темата //Децентрализацијата,
општествен дијалог и транспарентност: Имплементација на локалната
самоуправа во Македонија//, имаше за цел да ги презентира погледите
на градоначалниците Аце Коцевски (Велес), Имер Селмани (Сарај) и
Стевче Јакимовски (Карпош). Фокусот на нивните ислагање беше на
основите кои ја чинат //добрата локална власт//: (1) Зајакнувањето
на пристапот на граѓаните до информациите; (2) Вклучувањето и учеството
во донесувањето на одлуките особено на оние поврзани со утврдување
на локалните приоритети, буџетот, и основните услуги кои ги добиваат
граѓаните; (3) Зголемувањето на отчетноста на локалната власт кон
граѓаните; (4) Поддршката на локалните организаци на граѓаните од
страна на општината; (5) Зголемувањето на капацитетот на локалните
властите да информираат, да го консултираат и да го охрабруваат
граѓанското општество во процесот на креирање на политиката; и (6)
Утврдувањето на механизми за меѓуинституционален дијалог и соработка
помеѓу државата и општините. Беше извршена и презентација на цасе-студѕ
од Македонија на тема: //Придонесот на //Центрите за информирање
на граѓаните// за дискусиите за транспарентност и општествен дијалог
(ПРЛС /УСАИД)// . Фасилитатор беше Зоран Андоновски од УСАИД проектот
за развој на локалната самоуправа.
Конференцијата беше затворена со завршниот збор на Тања Алтанџиева,
заменик на министерот за локална самоуправа, во кој беа истакнат
главните групи на активности, со чија имплементација треба да се
обезбеди општините да бидат витински претставници на своите граѓани,
и тоа:
- Изградбата на правна, институционална и политичка рамка за пристап
кон информациите, и консултацијата и јавното учество во креирањето
на политиката.
- Обезбедување соодветна одговорност на носителите на власта и
на администрацијата како во однос на извршувањето на нивните надлежности,
така и во однос на засилувањето на граѓанското учество во јавниот
живот.
- Зголемувањето на капацитетот на властите да информираат, да
го консултираат и да го охрабруваат граѓанското општество во процесот
на креирање на политиката.
- Изградбата на нова култура во однос на политиката за заедничка
работа односно воспоставување правила за работа со невладиниот
сектор и воспоставување соодветни механизми за постојан дијалог
помеѓу власта и преставниците на граѓанското општество.
- Развојот на механизмите на меѓуинституционален дијалог и соработка
помеѓу двете нивои на власта - државата и општините, како основа
за влијанието од граѓаните, на националната политика.
За текот на конференцијата, материјалите кои беа презентирани,
и препораките кои беа усвоени ќе биде изготвена публикација која
ќе биде доставена до Владата на Република Македонија, сите министерства,
невладиниот сектор, Стопанската комора и странската донаторска заедница
во нашата земја. Исто така ќе биде дизајнирана и отворена веб-страна
на која ќе бидат објавени сите материјали од Конференцијата, со
што ќе им се овозможи на заинтересираните граѓани да го коментираат
и да ги искажат своите препораки и забелешки. Постоењето на веб-страната
ќе биде објавено, така што таа би се користела од што е можно повеќе
заинтересирани граѓани.
|