Број на посети: 13


Конференција:

ГРАДЕЊЕ НА ОТВОРЕНА ВЛАСТ
ПРЕКУ ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА

Како резултат на дводневната конференција „Градење на отворена власт преку децентрализација“ одржана на 25ти и 26ти Март 2003 во Скопје која следеше по локалните трибини на иста тема одржани во Битола (28ти Декември 2002), Велес (15ти Февруари 2003), Куманово (19ти Февруари 2003), Кочани (27ми Февруари 2003), Гостивар (28ми Февруари 2003) Ви ги презентираме следниве заклучоци кои би требало да бидат основа за изградбата на Акциониот план на Владата и локалните самоуправи за имплементација на концептот отворена власт во функционирањето на јавните институции:


• Потребно е квалитетно законодавство но и квалитетна имплементација на основните начини на градење на отворената власт - преку транспарентно и неограничено информирање на граѓаните, преку двонасочно консултирање и активно вклучување на заинтересираните граѓани - поединечно, преку интересни неформални групи, преку граѓанскиот сектор и бизнис секторот.

• Редизајнирање на државната управа како противтежа на централизираната власт.

• Законски и практично да се изврши трансферот на надлежностите од централната власт на локалната самоуправа – што е пропишано и со рамковниот договор.

• Вградување на домашните традиции но и странските позитивни искуства во имплементирањето на отворената власт која се базира на процесите на децентрализација, транспарентност и правото на информирање.

• Зголемена достапност на информациите, консултирање на граѓаните и нивно активно вклучување преку граѓанските информативни центри, информационата и комуникациска технологија (ИКТ) како и со имплементација на моделот на едношалтерски систем на работа.

• Дефинирање на стандарди и процедури кои би биле предуслов за унифицирани услуги на граѓаните на целата територија.

• Промена и дополнување на законите за да се овозможи непречен пристап до информациите

• Изнаоѓање на квалитетни начини за утврдување на потребите на граѓаните.

• Градење на навики за редовна двонасочна комуникација со граѓаните како и изградба на партнерски однос на невладините и владините институции (Влада, локална самоуправа, НВО, синдикат, медиуми) преку постојани консултации, вклучување во консултативни тела и заеднички проекти.

• Едукација (особено за практицирањето на отворена власт) и систематизација на државната администрација со што ќе се надминат старите навики и ќе се зголеми квалитетот на услуги.

• Реформа на Економско-социјалниот совет по примерот на Европската Унија – како трипартитно тело кое ги вклучува државните органи, вработените и граѓаните.

• Зголемување на ингеренциите на локалната власт во остварување на условите за економски развој преку зајакнување на општествениот дијалог и транспарентноста како и можностите за самофинансирање на локалните заедници.

• Изработка на локални развојни планови со партнерско учество на ЕЛС, НВО, синдикатот и бизнис секторот што ќе придонесе долгорочно на подигнување на стандардот на граѓаните во локалната заедница.

• Едукација, законодавна и практична имплементација на комуникацијата на хоризонтално и вертикално ниво како помеѓу разните владини и локални институции, но и со граѓаните - директно (пр. референдуми и јавни расправи) и индиректно (преку неформални групи, НВО, синдикални движења, стопански комори и слично).

 



(c) Web site developed by Metamorphosis, 2003.